Започна вардарската регата „Гемиџии“
Гемијата заплови по реката Вардар. Во наредните четири дена поминувајки 130 километри од Велес до Гевгелија, таа ќе ги поврзува минатото, сегашноста и иднината. Организаторите очекуваат успешна пловидба. Нивото на реката засега дава оптимизам дека третата етапа ќе биде највозбудлива. Во недела напладне денешните гемиџии треба да пристигант во Гевгелија...

По 100 години во Вардар повторно заплови гемија. Таа е реплика на онаа со која велешките трговци превезувале стока до Солун.
„Навистина е голема гордост и чест човек да седне на една гемија да се врати во едно време на нашите предци на нашите гемиџии, на нашите славни личности на кои секогаш ќе се гордееме“, рече Владо Стојанов, сплавар на гемијата.
Покрај Гемијата и сплавот во наредните четири дена патот на предците по реката Вардар стотина учесници ќе го поминат со десетина чамци.
„Пловењето по Вардар и патувањето по Вардар има разлика, ова да се види Вардар од внатре е предизвикот за секој гемиџија“, рече Ангелче Гушев, организатор.
„Имав јас голема желба и се пријавив оти ова е велешка традиција. Се надевам дека се ќе помине во најдобар ред“, рече Иван Кузев, учесник.
За Општината оваа манифестација е чувар на славното минато.
„Ние даваме посебно внимание на сето ова и сакаме да добие меѓународни размери освен Велес да може да се преставува целиот Вардарски регион, да добие меѓународни размери“, рече Славчо Чадиев, градоначалник на Велес.
Покрај историското значење оваа регата има за цел да го развива алтернативниот туризам од Велес до Гевгелија.
Дијана Иванова
