Македонија

Министерството за здравство не кажува како ќе го реши скандалот на Токсикологија

23.05.2024 15:15

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) откри дека договорите за вработување на 18 лица на Клиниката за токсикологија се неважечки, што претставува прекршување на Законот за здравствена заштита. Министерството за здравство ја задржува надлежноста да го реши проблемот...

Министерството за здравство не одговара како ќе ги решава незаконските вработувања на Клиниката за токсикологија. Дали ќе се поништат договорите за работа на незаконски вработениот кадар и дали организациската директорка Иљази ќе подлежи на одредени санкции. По вонредниот инспекциски надзор, Државниот санитарен и здравствен инспекторат до правната служба на ресорното министерство го доставил предметот и тие треба да ја проверат валидноста на договорите за работа. Инспекторите утврдиле дека на нив стои само потписот на организациската директорка, но не и на медицинскиот, што е спротивно на Законот.

Повеќе од еден месец Клиниката за токсикологија ја следат скандали. Државниот санитарен и здравствен инспекторат, три пати ја проверуваше работата на оваа здравствена установа. Инспекторите утврдија низа неправилности, издадоа решенија со мерки кои никогаш не беа испочитувани.

Педесет и седум вработени на Клиниката за токсикологија испратија соопштение до јавноста кое се состои од прашања упатени до организациската директорка. Но без потпис и печат. Прашуваат дали е точно дека на Клиниката е поставен дополнителен видеонадзор без согласност од управниот одбор, укажуваат за непотизам при вработувањето.

„Дали сте подготвена да понесете лична одговорност, што на 15 мај на сè уште незавршени парламентарни избори, спротивно на законот, потпишувате решенија на договор на дело со 18 извршители? Дали сте подготвена да понесете лична одговорност, што поради вашата неажурност, секој ден остануваме без некој лабораториски и токсиколошки реагенс, за што уредно во повеќе наврати сте писмено и усно известени од раководителот на тој оддел?“ – прашуваат вработените на Клиниката за токсикологија.

Останува отворено и прашањето, дали министерот за здравство Демири постапил законски, бидејќи во изборен процес го разреши медицинскиот директор Данил Петровски додека користеше годишен одмор.

 

Андријана Ѓурческа