Избори 2024

По прегласувањето еден пратеник повеќе за „Вреди, еден помалку за „Европски фронт“

23.05.2024 15:17

По првичните резултати од прегласувањето во седумте избирачки места во ИЕ5 и ИЕ6, „Европскиот фронт“ изгуби еден, а коалицијата „Вреди“ доби пратеник. Во изборната единица шест, ДУИ и „Вреди“ сега имаат ист број пратеници...

По првичните резултати од прегласувањето во седумте избирачки места во ИЕ5 и ИЕ6, „Европскиот фронт“ изгуби еден, а коалицијата „Вреди“ доби пратеник. Во изборната единица шест, ДУИ и „Вреди“ сега имаат ист број пратеници.

Доколку овие резултати станат конечни по приговорите, Собранието ќе го сочинуваат 58 пратеници на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и коалицијата “За европска иднина“ ќе имаат 18 мандати, исто колку и „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ. Со новиот пратеник, коалицијата „Вреди‘ има 14 пратеници, Левица и Движењето ЗНАМ по 6 мандати.

Според податоците од ДИК, СДСМ има освоено повеќе гласови од ДУИ, па согласно законот станува втора политичка сила, иако имаат подеднаков број пратеници со ДУИ. Списокот може да се смени по избор на новата Влада, оти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се очекува да биде мандатар, а дел од пратениците ќе бидат предложени за министри.

Конститутивната седница е закажана за 28-ми мај, по што тече рокот од три дена за избор на претседател на Собранието и членови на Верификациската комисија. Според Деловникот за работа, со неа ќе претседава највозрасниот пратеник, а во новоизбраниот состав тоа е пратеничката Мерита Колчи Коџаџаку.

 

Ирина Гелевска