Социјално ранливите категории граѓани ќе добијат бесплатен компјутер
Поттикната од Владата, акцијата ќе помогне да се надмине дигиталниот јаз меѓу тие што немаат пари да купат компјутери...

Владините институции, компаниите и граѓаните кои имаат компјутерска опрема што не ја користат, можат да ја донираат на социјално ранливите категории граѓани. Компјутерските фирми бесплатно ќе ја репарираат и прилагодат за идните корисници.
Проектот „Компјутери за социјално ранливите категории“ денеска го презентираа министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски и Саша Огненовски, претседател на Информатичко комуникациската комора при Сојузот на стопански комори.
Сите приватни компании и државни институции кои имаат ИКТ опрема што сакаат да ја донираат треба да се пријават на веб страницата donacii.mioa.gov.mk којашто од 1 јули ќе има посебен формулар. До тогаш ќе можат преку електронска пошта на [email protected] да ја достават листата на опрема којашто ја поседуваат.
„Откако ќе се достави листата во соработка со приватниот сектор, компанија со возило ќе ја преземе опремата од нивниот магацин. Опремата ќе биде репарирана, исчистена, оние делови што може ќе се искористат, ќе се инсталира оперативен систем од отворен код. Сите граѓани кои се заинтересирани за оваа опрема ќе може да се пријават на веб страницата, доколку немаат интернет треба да ги искорист интернет клубовите на МИОА низ градовите во државава или пак да се обратат до институците на Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и да пополнат формулари“, информира министерот Ивановски.
Со компјутерите не е обезбеден бесплатен интернет, но Министерството за информатичко општество и администрација апелира интернет провајдерите доколку се во можност да се вклучат во акцијата.
Поттикната од Владата, акцијата ќе помогне да се надмине дигиталниот јаз меѓу тие што немаат пари да купат компјутери.
