Кривичниот суд му го одзема пасошот на обвинителот Мемети, тој негира вмешаност во случајот со поткуп
Иџет Мемети заменик претседателот на Советот на јавни обвинители остана без патната исправа. Судија на претходна постапка му одреди мерки на претпазливост на второосомничениот во случајот за примање поткуп во кој во триесетдневен притвор заврши врховниот судија Наке Георгиев …

По распитот во Кривичниот суд, членот на Советот на Јавни обвинители Иџет Мемети, без многу детали рече дека очекува истрагата брзо да заврши. За релациите со првоосомничениот во случајот, судијата Наке Георгиев, тој рече дека се познава и со судиите и со обвинителите.
На поранешниот правобранител Мемети изречена му е мерка на претпазливост. Покрај одземањето на патната исправа, тој дополнително ќе мора повремено да се јавува на службено лице во Судот.
Инаку отворањето истрага, следи откако син на обвинет во предмет што се води во Обвинителство пријавил дека врховниот судија Наке Георгиев, ветувал погодности за неговиот татко и лажно прикажале со второосомничениот дека ќе извршат влијание.
Георгиев кој доби решение за 30 дневен притвор поднесе жалба до Кривичниот суд. Истата е одбиена и потврдено е решението на судијата на претходна постапка од 21-ви мај.
Марина Стојанова-Тонева
