Усвоена Резолуцијата на Генералното собрание на ОН за геноцидот во Сребреница
Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата за геноцидот во Сребреница. 84 држави гласаа „за“, 19 беа „против“, а 68 земји беа „воздржани“. Вучиќ со став дека таа ќе ја отвори пандорината кутија …

Во Генералното собрание на Обединетите нации изгласана е Резолуцијата-Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница и осуда на негирањето на геноцидот и глорификацијата на воените злосторници. За резолуцијата гласаа 84 држави, против беа 19, а воздржани 68 држави.
Подносители на Резолуцијата беа Германија и Руанда, како и 17 држави коспонзори, меѓу кои беше и нашата држава.
„Нашата иницијатива треба да им оддаде почит на жртвите и да им даде поддршка на преживеаните. Означувањето на 11 јули како Меѓународен ден на сеќавање на Сребреница треба да овозможи годишно одбележување на денот во ОН и да содржи јазик против негирање на геноцидот. Се шират лажни обвинувања за текстот на оваа резолуција, таа не е насочена против никого, особено не против Србија, ценета членка на Организацијата, туку исклучиво против извршителите на геноцидот“, изјави Антје Лендертце, претставничка на Германија во ОН.
Во дебатата пред гласањето претседателот на Србија рече дека е извршен притисок врз многу земји членки неколку дена пред одржувањето на заседанието на Генералното собрание да гласаат за резолуцијата и дека Србија е против изгласувањето на истата.
„Прашувам и барам одговор од моќниците зошто требаше да вршите толкав притисок врз земјите членки на ОН, зошто им се заканувате на земјите кои не сакаа да гласаат за резолуцијата, имам десетици такви примери. Има еден мала земја од Балканот која ќе гласа против оваа резолуција, бидејќи ќе ја отвори Пандорината кутија, и вие ќе треба да одговорите на десетици обвинувања за геноцид. Тука не се работи за помирување, не се работи за сеќавање, туку за нешто што ќе отвори нови рани, не само во нашиот регион туку и во оваа сала“, изјави Александар Вучиќ, претседател на Р. Србија.
Од земјите кои гласаа против резолуцијата се Русија, Кина, Унгарија, Сирија, Куба, Белорусија, воздржани беа Индија, Бразил, Кипар и Грција и други, додека земјите од регионот и поранешна Југославија гласаа за резолуцијата.
Оливер Бранковиќ
