Куманово

Откажани операции, пациентите во Скопје

24.05.2024 11:01

Поради проблемот со вода пациентите од кумановската болница, се препраќаат на скопските клиники, а откажани се и операциите. Сепак установата набавила доволни количини за оние лица коишто се хоспитализирани. Во моментов Куманово има вода, но само за техничка употреба …

Операциите во кумановската болница се откажани, а пациентите се препраќаат во Скопје. Мерката следи по новонастанатата состојба поради проблемот со вода, која се замати по големото невреме. Куманово доби вода за техничка употреба, но апелот е да не се консумира. Се чекаат резултатите од лабораториските испитувања за исправноста на водата. Заради безбедноста надлежните од болницата во договор со министерството за здравство донеле одлука пациентите да се транспортираат во главниот град. До нормализирање на состојбата нема да се извршуваат операции.

„Во согласност со новонастанатата состојба која се следи како вонредна во нашата болница веќе е реализиран состанок на Комисија за интер-хоспитални инфекции за да се разгледаат сите можности од некоја несакана последица“, истакна Билјана Ивановска, директорка на Општа болница Куманово.

Изминативе два дена транспортирани се во скопските здравствени установи неколку пациенти кои побарале итна услуга. Инаку болницата продолжува тековно да работи со останатите граѓани. Зајакнати се и здравствено хигиенските мерки за подготовка на храна.

Во моментов болницата располага со доволни количини вода, обезбедена е цистерна, но и количини за вода за пиење.

Невремето коешто го зафати североистокот предизвика штети и на земјоделските насади, поплави и домови.

 

Елена Георгиевска