Судот во Хаг носи одлука за израелската офанзива во Рафах
Судиите во највисокиот суд на ОН денеска ќе донесат одлука за барањето на Јужна Африка да му се нареди на Израел да ја запре офанзивата во Рафа и да се повлече од Газа. Тел Авив продолжува со распоредување на дополнителни сили. Велат ќе му зададат тежок удар на Хамас …

Во исчекување на одлуката на Меѓународниот суд на правдата за барањето на Јужна Африка за запирање на израелската офанзива во Рафах, властите во Тел Авив не се откажуваат од распоредувањето дополнителни сили во јужниот град. Ќе му зададеме многу тежок удар на Хамас-тврди одбраната.
„Ги зајакнуваме нашите напори во Рафах, оваа операција ќе се зголеми со повеќе сили од земја и од воздух достигнувајќи ги нашите цели – силно да го погодиме Хамас, воено да го онеспособиме, и да создаваме услови да ги вратиме заложниците дома. Тоа е важна работа и централно прашање за нас. Ќе вложиме максимални напори да го спроведеме на сите начини“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.
Извлечени тела на уште тројца заложници
Одбранбените сили на Израел тврдат дека во текот на ноќта успеале да извлечат тела на уште тројца заложници од северниот дел на Појасот Газа, продолжувајќи со воздушните напади. На северниот фронт, извршена проценка. Нетанјаху тврди дека стотици оперативци на Хезболах се елиминирани, најавувајќи изненадувачки планови за непријателот.
„Разговарав со командантите на дивизиите. Имаме детални, важни, дури и изненадувачки планови-што не ги споделувам со непријателот, но се фокусирани на две работи: да ја вратат безбедноста на северот и второ – да ги вратат жителите безбедно во нивните домови“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
САД со поддршка за Израел
САД повторно ја нагласија непоколебливата поддршка за Израел. Соопштија дека наскоро ќе бидат домаќини на премиерот Нетанјаху.
„Наскоро ќе бидеме домаќини на премиерот Нетанјаху во Капитол на заедничка седница на Конгресот. Ова ќе биде навремено и мислам, многу силно покажување на поддршката за израелската влада во време на најголема потреба“, изјави Мајк Џонсон, претседател на претставничкиот дом на САД.
Најавена средба Барнс-Ал Тани
Во наредните денови е најавена и средба на директорот на ЦИА, Барнс и катарскиот премиер Ал-Тани во обид за обновување на преговорите за примирје во Газа. Во истовреме, Израел ги предупреди Ирска, Шпанија и Норвешка дека нивното признавање на палестинската држава ќе има тешки последици, на што реагираше шефот на европската дипломатија Борел велејќи дека признавањето не е подарок за Хамас. Тој истакна дека ЕУ веќе ги финансирала палестинските власти и се сретнала со нив, и посочи дека секогаш кога некоја земја ќе донесе одлука да ја поддржи палестинската држава, Израел тоа го прогласува за антисемитски напад.
Бојана Крстевски
