Жестоки судири во Ирак, нападнати упориштата на џихадистите
Маици, капи и кукли со нивните симболи и со пароли за исламската Света Војна се достапни на социјалните мрежи со што се комерцијализира воената состојба во разурнатата земја...

Безбедносната состојба во Ирак и натаму е кревка. Сириската војска почна воздушни напади врз цели за кои се претпоставува дека се упоришта на џихадистите. Премиерот Малики ја потврди информацијата истовремено подржувајќи ги нападите против екстремистите. Државниот секретар на САД, Џон Кери ги предупреди земјите од Блискиот Исток да не се преземаат воени интервенции кои би можеле да ја заострат и онака тензичната состојба во земјата.
„Свесни сме дека Сириската влада врши напади на ирачки цели. Решението на проблемот не е во воената интервенција на режимот на Асад. Суверенитетот и Владата на Ирак мора да се почитува и да се зајакне внатрешно политичката состојба“, вели портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест.
Шиитскиот верски водач Моктада ал Садр најави дека земјата ќе се тресе под нозете на сунитските екстремисти, но дека е и против 300-те американски воени советници кои веќе се во Ирак.
„Прифаќаме меѓународна подршка само од страна на оние земји кои не биле наши окупатори“, рече Моктада Ал Садр.
Во меѓувреме продолжуваат жестоките судири. Сунитските екстремисти зазедоа една од најголемите авиобази и неколку нафтени полиња. Џихадистите на ИСИЛ почнаа интернет пропаганда.
Маици, капи и кукли со нивните симболи и со пароли за исламската Света Војна се достапни на социјалните мрежи со што се комерцијализира воената состојба во разурнатата земја.
Фундаменталистите на ИСИЛ веќе ограбија неколку банки во Ирак и со ограбените половина милијарда долари ја финансираат војната против официјален Багдад.
Марија Петковска
