Реакции по усвојувањето на Резолуцијата во ООН за Сребреница
По речиси 30 години, масакрот во Сребреница одново ги разбранува духовите во некогашна Југославија. Со 84 гласови „за“, и 19 „против“, 68 „воздржани“, 11-ти јули е назначен за Меѓународен ден на сеќавањето на жртвите за военото злосторство. Во Србија и во Црна Гора, реакции, Србите не се геноциден народ, во Босна и Херцеговина со аплауз пречекано усвојувањето на Резолуцијата предложена од Германија и Руанда...

На Балканот повторно оживуваат духовите од крвавата граѓанска војна во Југославија во 90-те години од минатиот век. Резолуцијата за геноцидот која беше усвоена со просто мнозинство во генералната асамблеја на Обединетите нации предизвика опречни ставови, во зависност од која страна доаѓаат. Спикерката на српскиот парламент Брнабиќ оцени дека ќе биде крајно тешко Србија да соработува со земјите спонзори и коспонзори на документот. Меѓу нив е и Македонија.
„Сега се чувствувам поблиску до земјите кои гласаа воздржано или ја напуштија салата. Ќе продолжиме да работиме се нашите партнери и со членките на Европската унија, тоа е наш национален интерес за што би понудила безусловна поддршка на земјите кои беа со нас во овие тешки моменти. Апсолутно. Резолуцијата е усвоена, но тоа беше пирова победа. Сиот свет ја согледа ароганцијата на големите сили“, изјави Ана Брнабиќ, претседателка на парламентот на Србија.
Она што е многу побитно е статусот на Република Српска, во Босанско-херцеговската федерација. Милорад Додик, по седницата беше далеку попрецизен за наредниот развој на настаните. Мирно раздружување со федерацијата, со хрватската и бошњачката заедница во рок од 30 денови.
„Го сакаме мирот, но почнуваме со формалната одлука за мирно раздружување, ќе предложиме договор за одлуката.Ќе предложиме политичките надлежности на ентитетите да бидат префрлени на економски функционален модел којшто за неколку години ќе се приспособи кон мирното раздружување. Никој нема да притиска никого. Не можеме веќе да живееме во Босна и Херцеговина“, изјави Милорад Додик-претседател на Република Српска.
Драматичната седница во Њујорк, српскиот претседател Вучиќ ја нарече победа на моралот врз лицемерието на големите сили. Им се заблагодари на Кина и Русија за гласовите против документот. Меѓу ветераните од граѓанската војна, хрватскиот премиер Пленковиќ го поздрави усвојувањето на резолуцијата.
„Ја поддржуваме силно стабилноста на Босна и Херцеговина, интегритетот и суверенитетот. Нашата позиција е јасна, функционална држава со три конститутивни ентитети. Поддршка и за европскиот пат на федерацијата, ќе направиме што треба тоа да се случи. Ќе помогнеме на напредокот на економијата на земјата“, изјави Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска.
Во Црна Гора со над 35 насто просрпско население, по усвојувањето на Резолуцијата, одново протести кои ќе траат и во наредните денови. Бања Лука и Белград ќе предложат иницијатива во Обединетите нации за Резолуција за операцијата бура на хрватската војска во војната во поранешна Југославија.
Зоран Богатинов
