Кина продолжува со воените вежби, ја тестира својата способност да го окупира Тајван
Кина продолжува со воените вежби. Ја тестира својата способност да го окупира Тајван. Ова следува само неколку дена откако новиот претседател Лаи ја презеде функцијата. Тајпеј ги осуди чекорите на Пекинг...

Дводневна воена вежба на Кина во Тајванскиот теснец како одговор на изборите за претседател во Тајван, што официјален Пекинг ги смета за сепаратистички чин. Кина испрати 15 борбени бродови, 16 бродови на крајбрежната стража и 33 борбени авиони кои вежбаат виртуелни напади врз цели во Тајван и околината на островот.
„Сè додека централниот комитет на партијата, централната воена комисија и претседателот даваат наредби, ние секогаш сме подготвени за битка, решително ќе ги елиминираме сите сепаратистички сили на независноста на Тајван“, изјави Џијанг Ксијаодонг, капетан на кинеска армија.
Тајван блиску ги следи кинеските маневри од формиран центар за следење на воените операции во близина на тајванската територија. Предупреди дека ќе одговори соодветно на кинеската провокација.
„Ќе ја одржиме нормалната борбена готовност, мисии за извидување и вежбање и ќе го одредиме нивото на закани за прилагодување на силата, количината и локацијата на борбената готовност, како и времето на подготвеност, како одговор на различни итни случаи, изјави мајор Тунг Чи-Хсинг, офицер за борбени и планирачки работи на Тајван.
Државите од регионот повикаа на намалување на тензиите меѓу кина и Тајван за решавање на спорот по мирен начин пред да прерасне во конфликт.
Ирина Гелевска
