Наскоро нова Влада, за вторник закажана конститутивна седница на Собранието
Финишира кроењето на новата Влада. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ ги исцртуваат контурите на кабинетот и министерските места. Веројатно ќе им се приклучи и ЗНАМ на Максим Димитриевски. За вторник е закажана конститутивната седница на Македонското собрание. Африм Гаши се споменува како иден спикер на парламентот. Тој ниту потврдува, ниту демантира …

На конститутивната седница на Собранието треба да се избере верификационата комисија којашто ќе ги завери мандатите на 120-те пратеници, да се избере Комисијата за избори и именувања и потоа да се изгласа новиот собраниски спикер. За првата фотелја во Законодавниот дом се споменува името на лидерот на „Алтернатива“ од Коалицијата „Вреди“, Африм Гаши. Тој ниту ја потврдува, ниту ја демантира оваа информација. ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ ги финишираат разговорите за новата Влада. Идниот мандатар и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска не коментираше околу преговорите, ниту спомена имиња, но повика на обединување и рече дека големата поддршка за нив значи и голема одговорност.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се блиску до конечен договор со „Вреди“. Новата Влада треба да се избере во јуни. Комуникација има и со движењето ЗНАМ на Максим Димитриевски, со коешто би се обезбедило двотретинско мнозинство за реорганизација на државната управа. Идејата е да има посебно министерство за спорт, „демографија“ и „млади“ да бидат дел од ресорот социјална политика, „труд“ да оди во Министерството за економија, а туризмот заедно со ресорот култура.
Според информациите, ресорите поврзани со надворешната политика, безбедноста и финансиите ќе одат кај ВМРО-ДМНЕ, како и новите министерства за енергетика, дигитална трансформација и спорт. Кадрите на „Вреди“ би ги предводеле Министерствата за односи со заедниците, здравство, социјала, животна средина, економија и труд. Сепак, јавноста уште малку ќе треба да почека за конечниот изглед на новата Владата.
Игор Панов
