ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Израел продолжува со воздушните напади во Рафах

24.05.2024 16:39

И покрај барањето во Меѓународниот суд на правдата во Хаг за запирање на офанзивата, Тел Авив не се откажува од акцијата во Рафах. Нетанјаху најавува целосно онеспособување на Хамас. Шефот на европската дипломатија Борел вели дека признавањето на палестинската држава не е подарок за милитантите. Израел, пак, најави тешки последици за земјите кои ќе се одлучат на таков чекор...

Израел не се откажува од распоредувањето дополнителни сили во јужниот град Рафах. Хамас ќе доживее тежок удар-тврди одбраната, продолжувајќи ги воздушните напади во Појасот Газа.

„Ги зајакнуваме нашите напори во Рафах, оваа операција ќе се подобри со повеќе сили од земја и од воздух достигнувајќи ги нашите цели – силно да го погодиме Хамас, воено да го онеспособиме и да создаваме услови да ги вратиме заложниците дома“, изјави Јоав Галант, министер за одбрана на Израел.

Имаме национална и морална должност да направиме сè што можеме за да ги вратиме заложниците, живи и мртви – изјави Нетанјаху откако војската соопшти дека успеала да извлече тела на уште тројца заложници од северот на Газа.

На северниот фронт, извршена проценка. Нетанјаху тврди дека стотици оперативци на Хезболах се елиминирани. Најави изненадувачки планови за непријателот. Во истовреме, ги предупреди Ирска, Шпанија и Норвешка дека нивното признавање на палестинска држава ќе има тешки последици. За шефот на европската дипломатија, признавањето не е подарок за Хамас.

„Секогаш кога некоја земја ќе донесе одлука да ја поддржи палестинската држава, Израел тоа го прогласува за антисемитски напад. Да не ги мешаме работите. Палестинската управа не е Хамас, тоа не е подарок. Официјалната позиција на ЕУ е да го поддржи создавањето на две држави“, изјави Јосеп Борел, шеф за надворешна политика на ЕУ.

САД повторно ја нагласија непоколебливата поддршка за Израел.

„Наскоро ќе бидеме домаќини на премиерот Нетанјаху во Капитол на заедничка седница на Конгресот. Ова ќе биде навремено и мислам, многу силно покажување на поддршката за израелската влада во време на најголема потреба“, изјави Мајк Џонсон, претседател на Претставничкиот дом на САД.

Во меѓувреме, преговорите за примирје се селат во Европа. Директорот на ЦИА, Барнс, и катарскиот премиер Ал-Тани ќе се обидат да ги откочат заглавените преговори за конечно постигнување договор меѓу Израел и Хамас што ќе ги намали тензиите во регионот.

 

Бојана Крстевски