Реакции

Резолуцијата за Сребреница ги оживеа духовите

24.05.2024 18:43

За Белград – Резолуцијата на Обединетите нации за Сребреница е пирова победа на Западот. Претседателската на Собранието на Србија Брнабиќ, рече дека ќе и биде тешко да соработува со оние земји кои беа спонзори или коспонзори на резолуцијата, меѓу кои беше и Македонија. Босна и Херцеговина, најави протестни ноти до оние кои гласаа. САД со предупредување до Додик – раздружувањето ќе значи крај на Република Српска.

На Балканот повторно оживуваат духовите од крвавата граѓанска војна во Југославија во 90-те години од минатиот век. Резолуцијата за геноцидот која беше усвоена со просто мнозинство во генералната асамблеја на Обединетите нации предизвика одречни ставови, во зависност од која страна доаѓаат. Спикерката на српскиот парламент Брнабиќ оцени дека ќе биде крајно тешко Србија да соработува со земјите спонзори и коспонзори на документот. Меѓу нив е и Македонија.

„Сега се чувствувам поблиску до земјите кои гласаа воздржано или ја напуштија салата. Ќе продолжиме да работиме се нашите партнери и со членките на европската унија. Резолуцијата е усвоена, но тоа беше пирова победа. Сиот свет ја согледа ароганцијата на големите сили“, изјави Ана Брнабиќ, претседателка на Парламентот на Србија.

Она што е многу побитно е статусот на Република Српска, во Босанско-херцеговската федерација. Милорад Додик, по седницата беше далеку попрецизен за наредниот развој на настаните. Мирно раздружување со федерацијата, со хрватската и бошњачката страна во рок од 30 денови. На Додик, му одговори шефот на дипломатијата.

„Го сакаме мирот, но почнуваме со формалната одлука за мирно раздружување, ќе предложиме договор за одлуката. Ќе предложиме политичките надлежности на ентитетите да бидат префрлени на економски функционален модел којшто за неколку години ќе се приспособи кон мирното раздружување. Никој нема да притиска никого. Не можеме веќе да живееме во Босна и Херцеговина“, изјави Милорад Додик, претседател на Република Српска.

„Ги повикуваме соседите, народите во земјава и властите во Србија да ги смират страстите да запрат со кампањите и да се насочиме кон европскиот пат. Тие кои планираат дестабилизација, да знаат дека ќе одговориме соодветно на намерите за да го сочуваме интегритетот и суверенитетот на Босна и Херцеговина“, изјави Елмедин Конаковиќ, министер за надворешни на Босна и Херцеговина.

Меѓу ветераните од граѓанската војна, хрватскиот премиер Пленковиќ го поздрави усвојувањето на Резолуцијата.

„Ја поддржуваме силно стабилноста на Босна и Херцеговина, интегритетот и суверенитетот. Нашата позиција е јасна, функционална држава со три конститутивни ентитети“, изјави Андреј Пленковиќ, премиер на Хрватска.

Во Црна Гора со над 35 насто просрпско население, по усвојувањето на Резолуцијата, одново протести кои ќе траат и во наредните денови. Бања Лука и Белград ќе предложат иницијатива во Обединетите нации за Резолуција за операцијата „Бура“ на хрватската војска во војната во поранешна Југославија.

 

Зоран Богатинов