Туризам -Охрид

Се очекува рекордна туристичка сезона

25.05.2024 13:43

Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков очекува рекордна туристичка сезона. Хендикеп и ова лето ќе биде тоа што плажите не ќе можат да се уредат по светски стандарди, а хотелите не можеа да доградат нови содржини, бидејќи сè уште не е донесен планот за управување со охридското крајбрежје...

Минатата година беше надмината рекордната посетеност на Охрид од 2019-тата, а охридскиот градоначалник Кирил Пецаков очекува 2024-тата да биде уште поуспешна. Оптимизмот го темели на оствареното во првите 4 месеци и најавите за шпицот на летната туристичка сезона. Сепак и ова лето плажите нема да наликуваат на оние во развиените туристички центри, бидејќи општината може да издава дозволи само за поставување на урбана опрема.

„За дополнителни вложувања и за добивање нешто кое може да наликува на нешто што е модерно или ако сакате да имаат можност да инвестираат, сепак е потребно донесување на Планот за управување со Охридското крајбрежје“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.

Од суштинско значење е донесувањето на овој план вели првиот човек на Охрид, бидејќи со него ќе се отвори патот за изградба на модерна марина, странските и домашните инвеститори ќе знаат дали и каде ќе можат да градат хотели, а постојните ќе можат да се реновираат и да доградат нови содржини.

„Кај нас има недостиг на хотели со 5 ѕвезди во вистинска смисла на зборот или ако сакате бренд хотели коишто на Охрид како популарно туристичко место или најпопуларно туристичко место во Македонија му недостигаат. Ние не можеме да постапиме, ниту да реконструираме. Кога фати енергетската криза не можеа ниту фотоволтаици хотелите да постават, затоа што се во 50 метри, а суштински ги намалува трошоците“, додаде Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.

Со сегашното темпо на изработка на Планот за управување со крајбрежјето губи општината, но и граѓаните.

Веќе подолг период се тапка во место, за развој не може да стане збор, а ретко кој може да ја планира иднината.

 

Сашо Нелоски