Суша

Последиците од сушата лани предизвикана од хаваријата на системот „Макарија“, се чувствуваат и годинава со намален род

25.05.2024 12:06

За две години овоштарите од Росоман и Градско, по хаваријата на системот „Макарија“ од мај лани, уште ги чувствуваат последиците од сушата. И годинава е намален родот на кајсиите, праските, црешите...

Ниту годинава овоштарите од регионот на Росоман и Градско нема да имаат богат и добар род. Последиците од ланската суша, поради хаваријата на системот „Макарија“, која се случи кон крајот на мај лани, овошките и годинава нема да дадат род, предупредуваат земјоделците од регионот.

Намалениот род ќе се почувствува пред сè на грозјето, кајсиите, праските, црешите. Втора година по ред овоштарите од централниот дел на Македонија, на површина од околу четири илјади хектари, ги чувствуваат последиците од хаваријата.

Министерот за земјоделие Љупчо Николовски, лани им порача на општините Градско и Росоман да побрзаат и ги проценат штетите, што поскоро, за да може земјоделците да бидат обесштени од последиците на сушата. Општина Градско уште пред три месеци соопшти дека штетата кај нив е проценета на 117 милиони денари, а по толку време, од поставеното прашање градоначалникот на Росоман Стојан Николов не ја соопштува проценетата штета за оваа општина.

 

Петар Печков