Украина-Русија

Нападите продолжуваат на двете страни

25.05.2024 12:29

Киев соопштува за нови руски удари врз харковската област, додека Москва тврди дека уништила дронови над Белгород и Курск...

Украинските сили презеле контрола врз северниот дел на регионот Харков, од каде што руската војска овој месец изврши пробив – тврди Зеленски по неговата посета на фронтот. Нападите продолжија на двете страни. Киев соопштува за нови руски удари врз харковската област, додека Москва тврди дека уништила дронови над Белгород и Курск. 

Рускиот претседател Путин ја потврди можноста за преговори со Украина, но ја доведе во прашање легитимноста на Зеленски откако неговиот 5-годишен претседателски мандат истече на 20 мај. Првиот човек на НАТО, Столтенберг ги повика сојузниците да ја повлечат забраната за Украина да користи оружје на алијансата во нападите на воените цели на руска територија, што за Москва е налудничава идеја која ќе доведе до катастрофални последици.

„Нашите војници сега успеаја да преземат борбена контрола над граничната област. Рускиот терор постојано докажува дека нивната цел е целосно уништување на Украина. Ќе направиме се за да ја заштитиме нашата земја и да го направиме руското зло одговорно за тоа што го направи“, изјави Володимир Зеленски - претседател на Украина.

„Нека се вратат на преговорите, но не врз основа на тоа што сака едната страна, туку врз основа на оние договори од фундаментална природа што беа постигнати за време на тешките преговори во Белорусија и Турција, и врз основа на денешната реалност што се разви на теренот. Но и прашањето-со кого да се преговара? Свесни сме дека легитимитетот на актуелниот шеф на државата заврши. Треба да знаеме со кого можеме да потпишеме правно обврзувачки документи и да бидеме целосно сигурни дека имаме работа со легитимни власти“, изјави Владимир Путин - претседател на Русија.