Политика

Преговорите за нова Влада во напредна фаза

25.05.2024 12:43

Во вторник Собранието закажа конститутивна седница. Партиите сè уште во тајност ги држат преговорите за новата влада, поделбата на ресори постојано е фокус, но се наметнува можност и за повеќе коалициски партнери што ќе бидат дел од владиниот кабинет...

Преговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Вреди“ се во напредна фаза, но сè уште не е постигнат конечен договор – потврди партискиот портпарол Столковски. Нема детали за кадровските решенија. Во игра се и економските и политичките ресори, вели Стоилковски, но најважно е да се прифатат принципите на новата Влада и генералната програмска определба – европските интеграции, борбата со корупцијата, реформи за брз економски развој. ВМРО-ДПМНЕ внимава-додава Стоилковски, персоналните решенија кои се нудат во коалициските преговори да не бидат компромитирани на кој било начин.

Од коалицијата „Вреди“ воздржани. Ни од таму не потврдуваат со кои министерства ќе управуваат. Африм Гаши од Алтернатива ниту демантира ниту потврдува дали ќе седне на спикерското место во Собранието.

Движењето Знам на Максим Димитриевски би бил евентуалниот трет партнер во Влада, со кого се очекува наскоро да почнат преговори, но од таму велат дека сè уште немаат добиено покана. Доколку дојде до преговори во текот на наредниот период ќе се држат до нивните програмски определби.

„Ќе се држиме до нашите принципи. Сè уште немаме добиено покана за разговори. Кога ќе дојде до тоа, прво ќе се разговара за усогласување на програмската платформа и принципите на функционирање на новата владата“, вели портпаролот на „Знам“, Никола Мемов.

Во вторник ќе се одржи конститутивната седница со новиот собраниски состав, за во кој ВМРО-ДПМНЕ вели дека имаат консолидирано 61 пратеник. Новата влада се очекува да биде формирана до 20-ти јуни.

 

Марина Стојанова-Тонева