Израел

Израел ја игнорира одлуката на Меѓународниот суд на правдата

25.05.2024 12:59

Израел остана глув на одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг и продолжи со нападите врз борците на Хамас во Газа. Хезболах обвинува за најжестоки напади врз Рафах досега. Одлуките на највисокиот суд на ООН се правно обврзувачки, но судот нема механизми за нивно спроведување. Побарано да се овозможи пристап до хуманитарната помош, а Хамас да ги ослободи заложниците. Ситуацијата на Блискиот Исток тема на разговори и во Елисејската палата во Париз.

Одлуката на Меѓународниот суд за прекин на офанзивата во Рафах не го доведе во прашање цврстиот став на Израел да продолжи со исполнувањето на своите цели во војната. Хезболах обвинува дека Тел Авив одговорил со најжестоките воздушни напади досега врз јужниот град. Го предупреди Нетанјаху да очекува изненадувања.

„Праведно ќе беше судот да бара целосен прекин на војната во газа, не само прекин на офанзивата во Рафах. И што направи непријателот по објавувањето на одлуката? Ги почна најжестоките воздушни напади врз Рафах-тоа е Израел. И ако Нетанјаху инсистира на војна, тогаш нека не зборува за изненадувања. Нека почека да ги види нашите изненадувања и нашиот отпор“, изјави Хасан Насралах – лидер на Хезболах.

Одлуките на највисокиот суд на ООН се правно обврзувачки, но судот нема механизми за нивно спроведување. Побарано да се овозможи пристап до хуманитарната помош, а Хамас да ги ослободи заложниците.

„Единствениот начин на кој работите ќе станат полесни за он е ако видиме крај на воената акција, гледаме хуманитарен прекин на огнот, создавање средина во која ќе можеме да имаме неограничен хуманитарен пристап и за време на која сите заложници ќе можат да бидат ослободени“, изјави Стефан Дујарик-портпарол на ООН.

Засилени израелски напади врз борците на Хамас и на северот од Газа. Стотици Палестинци принудени да го напуштат бегалскиот камп Џабалија.

„Гладни сме и жедни, без засолниште. немаме ништо за јадење. Не удрија таму и бевме принудени да избегаме“, рече Ум Махмуд - раселен Палестинец.

САД и Египет се согласија да испратат привремена хуманитарна помош и гориво до ООН преку израелскиот премин Керем Шалом додека не се воспостават правни механизми за отворање на преминот Рафах. Шефот на европската дипломатија, Борел изјави дека по пресудата на судот во Хаг, ЕУ ќе мора да избере дали ќе ги поддржи институциите и владеењето на правото, или Израел. Ситуацијата на Блискиот Исток тема на разговори и во Елисејската палата во Париз. Претседателот Макрон оствари средба со членовите на арапската група. Наскоро се очекува да продолжат и преговорите за примирје во Газа.

 

Бојана Крстевски