ЕУ

Избори во Европската Унија

25.05.2024 18:51

Европската Унија годинава исправена пред многу предизвици. Мноштво теми пред овие избори, за Европскиот парламент се поинакви или се сосема нови во однос на оние од 2019 година...

Општествените и економските последици од војната во Украина, од борбата со короната, различната перцепција за Европската унија, глобалното затоплување, безбедноста, стабилноста во Европа. Да не ја заборавиме и мигрантската криза, којашто се чини е ставена во втор план.

Многу дилеми кои ќе се отворат од 6 до 9 јуни за кога се закажани изборите за Европскиот парламент.

Анкетите на Политико и Европскиот центар за надворешни работи посочуваат дека сега ќе доминираат економските теми: инфлацијата, економската криза, сиромаштијата, а потоа и темите од областа на безбедноста во државите на Европската Унија, екологијата и климатските промени.

Европската унија го насочува фокусот кон младите. Оваа година 376 милиони Европејци имаат право на глас, од нив 26 милиони првпат ќе ја имаат можноста. Не случајно Европскиот парламент ќе го сретнете на сите платформи. Особено на „Тик-ток“. Но, каков ќе биде одѕивот на овие парламентарни избори останува да видиме.

Во меѓувреме, ЕУ работи на своите цели. Филип Шулмајстер, директор за кампањи во Генералниот Директорат за проширување посочува дека тоа се: навременото информирање за важноста на изборите и анимирање поголем број граѓани во самиот процес.

Истражувањата покажуваат дека изборите ќе донесат значителен раст на десничарските партии, а партиите кои припаѓаат на десниот и левиот центар и групата на Зелените ќе доживеат пад на бројот на гласови.

Што ќе значи тоа за земјите од Западен Балкан, особено за Македонија!?

Европската комисија и Европскиот совет се двете највлијателни институции. Сепак, Европскиот парламент не може да биде заобиколен во некои клучни прашања и важни одлуки.