50 илјади граѓаните сеуште немаат поднесено барање за електронска здравствена картичка
85% од осигурениците имаат електронски здравствени картички. Уште 225 илјади се изготвени и чекаат да ги подигнат нивните сопственици. 50 илјади граѓани воопшто не аплицирале, а од Фондот за здравсвтено осигурување апелираат да побрзаат...

Милион и 500 илјади граѓани имаат електронски здравствени картички. Уште 225 илјади изработени треба да си ги земат од шалтерите на подрачните служби на Фондот за здравствено осигурување. Повеќе од половина од нив се во Скопје, кое предничи со најмала покриеност од 71%.Во Ресен, Македонски Брод, Крушево, Кратово, Валандово и Свети Николе 100% од осигуреници се со картички, а електронскиот систем, освен замена за сини картони, покажал и други предности.
„Во изминатиов период 200 илјади промени на матичен лекар, 130 илјади на стоматолог и 30 илјади промени на гинеколог се извршени , а со тоа директен бенефит имале 175 илјади осигуреници коишто вееднаш направиле избор на матичен лекар, веднаш ги добиле своите рецепти и упати“, вели Бранко Аџигогов- советник на директорката на ФЗОМ.
50 илјади од неподигнатите картички се на пензинери. Доколку не можат сами, може да ги земе и член од семејството со лична карта и рачно напишано овластување.
50 илјади граѓани воопшто немаат поднесено барање за електронска здравствена картичка, од нив 13 илјади се во Скопје. Од Фондот апелираат граѓаните навреме да поднесат барања. Од 1 септември ќе ги редуцираат истурените шалтери во Скопје што беа отворени за олеснување на постапката.
Соња Стојановска
