„Македонска љубовна лирика“ – најобемниот тематски избор од современата македонска поезија
Најубавите македонски љубовни стихови, сега се на едно место. На близу 500 страници, со 342 песни од македонски поети од сите генерации, во петте циклуси на книгата, од копнеж до ерос е и можниот одговор на прашањето како се љуби на/со македонски јазик и на македонски начин...

Книгоиздавателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Македонска љубовна лирика“ приредена од Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски. Најубавите македонски љубовни стихови, сега се на едно место. На близу 500 страници, со 342 песни од македонски поети од сите генерации, во петте циклуси на книгата, од копнеж до ерос е и можниот одговор на прашањето како се љуби на/со македонски јазик и на македонски начин.
Ова е најобемниот тематски избор од современата македонска поезија објавен досега. Изданието се објавува во годината кога чествуваме 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, авторот на „Дениција“ – – стихозбирката којашто македонската книжевна критика ја означи како химна на космичката љубов, химна на жената и татковината и златна книга на македонскиот модернизам.
Оваа книга нуди досега единствен ваков приказ и на самата македонска современа поезија, создадена, односно објавена во периодот од завршувањето на Втората светска војна до денес – поразличен од оние што беа понудени досега.
Циклусите во книгата „Македонска љубовна лирика“ се развиваат онака како што се развива самиот љубовен чин – од копнеж, од приказ на идеалниот драг/идеалната драга, па до чинот кога двајцата се едно, кога посакуваниот е (или барем ни се чини дека е) во прегратката на оној кој својот љубовен немир го искажува со поетско Јас, за на крајот да се круниса со поетскиот восклик на страста и еротиката кога и двете души и двете тела се претопуваат во една нераскинлива целина.
Со читањето на стиховите од „Македонска љубовна лирика“ ќе ни се врати вербата дека и во ова наше време, може вистински да се љуби и македонската поезија да се чита со страст.
