Украина
Полска внимателна по руските напади врз Украина
26.05.2024 12:15
Русија почна голем воздушен напад врз Украина. Полска крена борбени авиони. Жестоки битки на линијата на фронтот. Расте бројот на загинати по нападот врз хипермаркет во Харков. Зеленски бара помош од сојузниците. Договорот за исплата на замрзнатите руски пари, заглавен во технички и правни прашања. Кремљ предупредува-ќе возвратиме ако Западот се обиде да ги земе нашите средства...

Полска ги подигна борбените авиони откако Русија почна голем воздушен напад врз Украина. Киев тврди-напаѓаат со крстосувачки ракети, дронови и бомбардери. Низ целата земја огласени сирени. Погодена е областа Виница. Жестоки борби се водат во Харков и Часив Јар.
„Лошо е што русите повторно се обидуваат да не притиснат. Мислевме дека ќе успееме полесно да ги вратиме назад, но очигледно дека акумулирале сила“, изјави Бабаи – командант на бригада Лиут на националната полиција на Украина.
„Часив Јар е стратешки важна област, која може да биде мост за непријателот за натамошните дејствија“, изјави Агат – заменик-шеф на одделот за нападната бригада Лиут на националната полиција на Украина.
Во меѓувреме, расте бројот на загинати по синоќешниот руски напад на хипермаркет во Харков. Зеленски бара поголема заштита од сојузниците.
„Само лудаци како Путин се способни да убиваат и да тероризираат луѓе на ваков гнасен начин. Кога им велиме на светските лидери дека на Украина и е потребна заштита од противвоздушни напади, буквално зборуваме за спречување на вакви терористички акти“, изјави Володимир зеленски – претседател на Украина.
Жртви и повредени има и на руска страна. Москва соопшти дека соборила беспилотни летала над Курск, Орлов и Белгород. Путин го пофали зголеменото и навремено производство на одбранбените компании во земјата.
„За нас е важно да продолжиме да го зголемуваме снабдувањето со модерно високотехнолошко оружје и опрема за вооружените сили. Постојано мораме да бидеме чекор пред непријателот и победата ќе биде загарантирана“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.
Надвор од бојното поле, лидерите на земјите г-7 велат дека има напредок, но не и конечен договор за парите за Украина од замрзнатите руски средства тешки 190 милиони долари.
„Постигнавме одреден напредок. Договорот сè уште не е финализиран бидејќи има неколку забележливи технички и правни прашања, но тоа што ќе биде потврдено во конечната декларација е силен заеднички политички став од сите земји од г7“, изјави Џанкарло Џорџети – министер за финансии на Италија.
Унгарија го блокираше одобрението на ЕУ за исплатата на руски пари за купување оружје за Украина. Москва се закани дека ќе возврати ако западот се обиде да ги земе замрзнатите средства.
Бојана Крстевски
