Велешките екологисти подигаат јавна свест
Акцијашите кои некогаш градеа патишта и пруги, работат на подигање на свеста кај младите за волонтерството, за акцијаштвото, засадуваат дрвја и чистејќи ги јавните површини...

Некогашните велешки акцијаши, работно се ангажираат преку викенд кога има потреба и кога имаат можност. Со личен пример, во заедницата создаваат одговорен однос кон животната средина. Здружението „Акцијаши ветерани“, кое е основано од поранешните бригадири и учесници на младински работни акции од Велес, неколку години работи на подигање на свеста за акцијаштвото. Учествуваат на настани за да се потсетат на минатото, но и да ги анимираат помладите за нивна вклученост.
За да може создаденото да се одржува, опстојува, потребно е младите да учествуваат во акцијаштвото, за да знаат дека нешто создале, само така ќе го чуваат, посочуваат ветераните. Со нивното учество им го пренесуваат искуството, ги мотивираат помладите да се ангажираат доброволно во уредувањето на градот, на јавните површини. Така тие ќе се почувствуваат одговорни во негувањето на комуналната инфраструктура и разубавувањето на Велес.
Не можат како некогаш да градат пруги и мостови, но ги градат младите во одговорни членови на заедницата. Ова е мотото на членовите на „Акцијаши ветерани“.
Петар Печков
