ИЗРАЕЛ-ХАМАС

Продолжува израелската офанзива во Рафах

27.05.2024 09:18

Израел ги продолжи нападите врз цели на Хамас, откако милитантната група вчера истрела ракети врз Тел Авив. Од Брисел, претставници на 38 земји повикаа на прекин на огнот и решение со две држави. Според шефот за надворешна и безбедносна политика, Борел, јасно е дека израелската влада не верува во решение за две држави, но тоа е единствената долгорочна гаранција за безбедноста и просперитетот на Израел...

Израел му возврати Хамас откако милитантната група вчера истрела ракети од Газа по што беа активирани сирените за воздушен напад во Тел Авив за прв пат по неколку месеци. Израелската армија тврди дека гранатирале легитимна цел и се запознаени со информациите дека по нападот бил предизвикан пожар што им наштетил на цивилите.

„Хамас ја почна војната на 7-ми октомври и избра да ја продолжи со тоа што одбива да ги ослободи нашите заложници и продолжува да го напаѓа Израел. Хамас ги лансираше овие ракети од близина на две џамии во Рафах. Го напаѓа Израел од Рафах и таму ги држеше нашите заложници. Поради тоа спроведувавме прецизна операција“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.

Претставници на 38 земји, од состанокот во Брисел, повикаа на итен прекин на огнот на Блискиот Исток и на решение со две држави. Истакната лошата хуманитарна ситуација во Газа и последиците по цивилното население на Западниот Брег.

„Куќата е во пламен. Сега е навистина ужасна ситуацијата, но може да стане уште полоша“, изјави Еспен Барт Еиде, министер за надворешни работи на Норвешка.

„Очигледно, имаме разбирање за страшната критична ситуација. Потребен ни е прекин на огнот веднаш, има сè поголем консензус. Мислам дека речиси сите во светот се согласуваат дека е неопходен итен прекин на огнот, вклучително и ослободување на заложниците“, изјави Фајсал Бин Фархан Ал Сауд, министер за надворешни работи на Саудиска Арабија.

„Ние сè уште се надеваме дека неколку децениската борба и работа кон независност ја приближува Палестина кон независна, суверена, остварлива држава“, изјави Мохамад Мустафа, премиер на Палестина.

Според шефот за надворешна и безбедносна политика, Борел, јасно е дека израелската влада не верува во решение за две држави, но тоа е единствената долгорочна гаранција за безбедноста и просперитетот на Израел.

„Решението за две држави не е болна отстапка, тоа не е безбедносна закана за Израел. Напротив, тоа е единствената долгорочна гаранција за безбедноста и просперитетот на Израел. Знам дека сегашната влада не е убедена во тоа. Мора да работиме на оваа идеја“, Жозеп Борел, шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Во Тел Авив и викендов протести. Полицијата се судри со антивладините демонстранти и употреби водни топови. Во меѓувреме, главниот обвинител на Меѓународниот кривичен, Карим Кан, ги отфрли обвинувањата дека ги изедначува постапките на Израел и Хамас во врска со барањето за издавање налози за апсење на премиерот Нетајаху, министерот за одбрана Галант, како и членови на Хамас.

 

Маријана Димовска