Израел ги продолжи нападите врз цели на Хамас
Израел му возврати Хамас за истреланите ракети од Газа. Од Брисел, претставници на 38 земји повикаа на прекин на огнот и решение со две држави. Според шефот за надворешна и безбедносна политика, Борел, јасно е дека израелската влада не верува во решение за две држави, но тоа е единствената долгорочна гаранција за безбедноста и просперитетот на Израел.

Израел му возврати Хамас за истреланите ракети од Газа, по што беа активирани сирените за воздушен напад во Тел Авив за прв пат по неколку месеци. Израелската армија тврди дека гранатирале легитимна цел во Рафах и се запознаени со информациите дека бил предизвикан пожар што им наштетил на цивилите.
„Хамас ја почна војната на 7-ми октомври и избра да ја продолжи со тоа што одбива да ги ослободи нашите заложници и продолжува да го напаѓа Израел. Хамас ги лансираше овие ракети од близина на две џамии во Рафах. Го напаѓа Израел од Рафах и таму ги држеше нашите заложници. Поради тоа спроведувавме прецизна операција“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.
Меѓународниот суд на правдата во петокот му нареди на Израел веднаш да ја прекине воената операција во Рафах. Одлуките на судот се обврзувачки, но судиите немаат моќ да принудат држава да ги спроведе одлуките. Двете страни не го почитуваат владеењето на светот, вели шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Борел.
„Израел ја продолжува воената акција за која беше побарано да престане. Исто така Хамас лансира ракети против Израел. Значи, двете страни не го почитуваат владеењето на светот. Утрово, за жал, повеќе од 30 луѓе се убиени во бегалски камп. Ова е навистина дилема како меѓународната заедница може да ја спроведе одлуката на меѓународната кривична правда“, изјави Жозеп Борел, шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Претставници на 38 земји, од состанокот во Брисел, повикаа на итен прекин на огнот на Блискиот Исток и на решение со две држави. Истакната лошата хуманитарна ситуација во Газа и последиците по цивилното население на Западниот Брег.
„Куќата е во пламен. Сега е навистина ужасна ситуацијата, но може да стане уште полоша“, рече Еспен Барт Еиде, министер за надворешни работи на Норвешка.
„Мислам дека речиси сите во светот се согласуваат дека е неопходен итен прекин на огнот, вклучително и ослободување на заложниците“, вели Фајсал Бин Фархан Ал Сауд, министер за надворешни работи на Саудиска Арабија.
„Ние сè уште се надеваме дека неколку децениската борба и работа кон независност ја приближува Палестина кон независна, суверена, остварлива држава“, изјави Мохамад Мустафа, премиер на Палестина.
Репортери без граници поднесоа нова жалба до Меѓународниот кривичен суд поради воените злосторства извршени од Израел врз новинарите, соопшти организацијата.
Маријана Димовска
