Тел Авив одговори на нападот на Хамас
Нова рунда пукотници меѓу Израел и Хамас. Тел Авив возврати за вчерашниот напад. Претставници на 38 земји, од состанокот во Брисел, во организација на министрите за надворешни работи на ЕУ, повикаа на итен прекин на огнот на Блискиот Исток и на решение со две држави...

Израел му возврати Хамас за истреланите ракети од Газа, по што беа активирани сирените за воздушен напад во Тел Авив за првпат по неколку месеци. Израелската армија тврди дека гранатирале легитимна цел во Рафах и имаат информации дека бил предизвикан пожар што им наштетил на цивилите.
„Хамас ја почна војната на 7-ми октомври и избра да ја продолжи со тоа што одбива да ги ослободи нашите заложници и продолжува да го напаѓа Израел. Хамас ги лансираше овие ракети од близина на две џамии во Рафах. Го напаѓа Израел од Рафах и таму ги држеше нашите заложници. Поради тоа спроведувавме прецизна операција“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската армија.
Меѓународниот суд на правдата во петокот му нареди на Израел веднаш да ја прекине воената операција во Рафах. Двете страни не го почитуваат владеењето на светот, вели шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Борел.
„Израел ја продолжува воената акција за која беше побарано да престане. Исто така Хамас лансира ракети против Израел. Значи, двете страни не го почитуваат владеењето на светот. Утрово, за жал, повеќе од 30 луѓе се убиени во бегалски камп. Дилема е како меѓународната заедница може да ја спроведе одлуката на меѓународната кривична правда“, изјави Жозеп Борел, шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Претставници на 38 земји, од состанокот во Брисел, во организација на министрите за надворешни работи на ЕУ, повикаа на итен прекин на огнот на Блискиот Исток и на решение со две држави.
„Во големи делови од светот постои перцепција за двојни стандарди дека правилата се применуваат за некои, но не за сите. Мислам дека таа критика е заснована на реалноста и разбирам зошто е создадена таа перцепција која го поткопува кредибилитетот на меѓународниот правен систем“, изјави Еспен Барт Еиде, министер за надворешни работи на Норвешка.
„Ја споделуваме визијата дека дојде времето да го направиме ефективно решението за две држави во кое ние веруваме, како и остатокот од меѓународната заедница“, изјави Хозе Мануел Албарес, министер за надворешни работи на Шпанија.
„Како одговорни глобални играчи, Ирска, Норвешка и Шпанија секогаш ќе се трудат да ја промовираат дипломатијата над насилството“, изјави Мајкл Мартин, министер за надворешни работи на Ирска.
Ирска, Норвешка и Шпанија утре и официјално ќе го потпишат признавањето на палестинска држава.
Маријана Димовска
