Македонија

Куманово: Водата сè уште не е за пиење, се чекаат резултатите

27.05.2024 14:51

Во Куманово водата сè уште не е дозволено да се консумира. Истата е само за техничка употреба во домаќинствата. Утре би требало да се изготви резултатот од анализите за квалитетот. Проблемот со водата во Куманово се јави по големото невреме коешто го погоди североистокот…

Водата во Куманово сè уште не смее да се користи за пиење, туку само за техничка употреба. Апелот е при исхрана истата да се преврие.

Резултатите за квалитетот на водата би требало да бидат познати утре. Центарот за јавно здравје Куманово изготвува три последователни анализи. Според моменталната состојба заматеноста на водата е значително намалена. Водоснабдувањето во градот информираат од ЈП Водовод е нормализирано и поголемиот дел од градот има вода. Немаат само домаќинствата од повисоките зони.

„Според оние законски рокови или оние постапки по кои работи Центарот за јавно здравје утре до некаде 14 часот би требало да ги добиеме резултатите од трите последователни анализи од мострите земени од 10 локации низ градот“, изјави директорот на кумановскиот „Водовод“, Оливер Стојмановски.

Пет дена без вода

Жителите од повисоките зони, меѓу кои и населбата Карпош, речиси пет дена се без вода. Повеќето имаат бунари, но без вода, велат, е многу тешко.

Проблемот со водоснабдувањето во Куманово кој се јави по големото невреме во североистокот ги принуди кумановци да почнат да набавуваат поголеми количини вода. Во маркетите се забележа поголема потрошувачка, но засега нема проблеми со побарувачката.

Пациентите се праќаат на скопските клиники

Поради новонастанатата состојба кумановската болница, по насоки од Министерството за здравство ги препраќа итните пациенти во скопските клиники.

Паралелно се откажуваат и закажаните операции. За хоспитализираните има набавени доволни количини вода за пиење. На инфективното одделение засега е стабилна состојбата и нема проблеми со стомачни заболувања на жителите. Доволни количини вода имаат и детската градинка како и домот за стари лица.

Елена Георгиевска