Македонија

Сиљановска-Давкова: Не направив повреда на Преспанскиот договор

27.05.2024 20:53

Верувам во слободата на изразување, самоидентификација и самоопределување – претседателката Сиљановска-Давкова одговори на прозивките од Грција. Вели, не направила повреда на Преспанскиот договор и ќе го почитува потпишаното...

Го почитував Преспанскиот договор и изјавата ја потпишав со уставното име, смета претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова. Реакциите на јужниот сосед не стивнуваат, откако при свечената заклетва во Собранието, таа употреби Македонија, без придавката северна. Сиљановска-Давкова вели, имам право на самоопределување и на самоидентификација.

„Во документите во комуникацијата ќе се употребува името од Преспанскиот договор, јас тука не гледам дека тоа е повреда. Јас ниту ја искинав изјавата, ниту реков дека нема да го почитувам Уставот, ниту реков дека ќе го раскинувам Преспанскиот договор, едно е што јас сум го критикувала заради постапката на донесувањето заради неусогласеноста на Обединетите Нации, но тоа е правен факт, тоа е реалност и јас ќе ја почитувам“, изјави Гордана Сиљановска-Давкова – претседателка на државата.

Иако, Атина предупредува дека непочитувањето на договорот може да ја доведе во прашање нашата интеграција во Европската Унија, претседателката укажува дека договорите се потпишани со добра волја и Грција, треба да ги почитува преземените обврски.

„Сите кои биле во Грција може да видат дека токму името што од нас бараат да го почитуваме тие никаде не го истакнале, сè уште има Скопје, Скопиа дури го има и акронимот на повеќе места, да не зборувам за меморандумите. Кога веќе ме прашавте, само да кажам дека за мене најважниот меморандум е оној за помошта при евроинтеграциите“, изјави Гордана Сиљановска- Давкова – претседателка на државата.

Две недели по заклетвата, речиси и да не минува ден без Грција да повика да се почитува договорот од Преспа.

Пораките дополнително се засилија по изјавата на лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека негово човеково право е својата држава да ја нарекува како што сака. Тамошниот премиер, Мицотакис призна дека меморандумите ги чуваат како оружје за притисок врз нас во очекување на доследна примена на Преспанскиот договор.

 

Андријана Ѓурческа