Советот за безбедност на ООН ќе одржи итен состанок по нападот во Рафах
Израелскиот премиер Нетанјаху призна дека дошло до трагична грешка и најави целосна истрага на случајот...

Итна средба зад затворени врати на Советот за безбедност на ООН по израелскиот напад во Рафах во кој загинаа десетици цивили. Израелскиот премиер Нетанјаху призна дека дошло до трагична грешка и најави целосна истрага на случајот.
„И покрај нашите максимални напори да не им наштетиме на цивилите, за жал се случи трагична грешка. Го истражуваме случајот и ќе ги презентираме заклучоците. За нас ова е трагедија, за Хамас-стратегија“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.
За Хамас, Вашингтон е виновен за масакрот во јужниот град.
„Американската администрација и нејзиниот претседател Бајден се лично и целосно одговорни за овој грозен масакр во Рафах и за сите злосторства во Појасот Газа. Тоа е поради континуираното обезбедување политичко и воено покривање на окупацијата и продолжување со снабдување со оружје што убива десетици, ако не и стотици деца, жени и цивили дневно“, изјави Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.
Решението за две држави и натаму останува високо на агендата на Брисел и арапските земји како единствен чекор во стабилизирање на регионот и постигнување траен мир. Ирска, Норвешка и Шпанија денеска и официјално ќе го потпишат признавањето на палестинска држава.
