Зеленски во Брисел, најави нов воен договор
Шпанија претходно вети оружје за Украина вредно една милијарда евра...

Киев најави уште еден воен договор со Белгија. Украинскиот претседател Зеленски по Мадрид, заминува за Брисел. Шпанија претходно вети оружје за Украина вредно една милијарда евра.
„Сакаме да испратиме порака до Киев, меѓународната заедница и Путин дека ќе стоиме покрај Украина сè додека е потребно за да се обезбеди нејзината слобода, територијален интегритет и суверенитет“, изјави Педро Санчез, премиер на Шпанија.
„Шпанија не ги затвори очите пред руското кршење на Повелбата на ОН и основните норми на меѓународното право. Не покажа слабост кога требаше да се донесат фундаментални политички одлуки, заради и безбедноста во Европа. Ви благодарам за неопходната безбедносна помош за Украина и особено за одбранбените системи за помош и ракетите за нив“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.
На фронтот и натаму се водат жестоки борби. Украинската војска деноноќно се бори со руските сили во Харков за да го запрат нивното напредување. Руската одбрана тврди дека презеле контрола врз уште две населени места во Украина.
