Израел

Нетанјаху: За нас ова е трагедија, за Хамас – стратегија

28.05.2024 09:38

Во Обединетите нации итна средба по израелскиот напад во Рафах. За нас ова е трагедија, за Хамас – стратегија, вели Нетанјаху. За Хамас, Вашингтон е виновен за масакрот...

Итна средба зад затворени врати на советот за безбедност на ООН по израелскиот напад во Рафах во кој загинаа десетици цивили. Нетанјаху призна дека дошло до трагична грешка и најави целосна истрага на случајот.

„И покрај нашите максимални напори да не им наштетиме на цивилите, за жал се случи трагична грешка. Го истражуваме случајот и ќе ги презентираме заклучоците. За нас ова е трагедија, за Хамас-стратегија“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

За Хамас, Вашингтон е виновен за масакрот во јужниот град.

„Американската администрација и нејзиниот претседател Бајден се лично и целосно одговорни за овој грозен масакр во Рафах и за сите злосторства во Појасот Газа. Тоа е поради континуираното обезбедување политичко и воено покривање на окупацијата и продолжување со снабдување со оружје што убива десетици, ако не и стотици деца, жени и цивили дневно“, изјави Осама Хамдан, висок функционер на Хамас.

Хамадан ги негираше изјавите на Тел Авив кој тврди дека вооружени лица на Хамас биле цел на нападот во Рафах. Осудите и реакциите од меѓународната заедница не стивнуваат. Генералниот секретар на обединетите нации, Гутереш бара веднаш да се стави крај на „ужасот“.

„Ги осудувам акциите на Израел во кои загинаа голем број невини цивили кои само бараа засолниште од овој смртоносен конфликт“-напиша Гутереш на социјалните мрежи.

Израел шири омраза-обвини италијанскиот министер за одбрана.

Решението за две држави и натаму останува високо на агендата на Брисел и арапските земји како единствен чекор во стабилизирање на регионот и постигнување траен мир. Ирска, Норвешка и Шпанија од денеска и официјално ја признаваат Палестинската држава.

 

Бојана Крстевски