Се обновува патната инфраструктура во Велес

26.06.2014 16:46

Се подобрува поврзаноста на Велес со метрополата, но и со источниот дел од државата...

Со забрзано темпо се работи на реконструкција на мостот Гемиџии во Велес.  Армирани и бетонирани се столбовите и попречните носачи. Започнати се работите и на коловозната лента. Прво ќе се израмнува, потоа ќе се постави мов слој на бетон, хидроизолација за на крај да се асфалтира.

По 53 години ова е прва сериозна реконструкција на мостот кој ги поврзува двете страни на Велес. Вкупната инвестиција е околу 500.000 евра, средства обезбедени од владината каса.

Покрај овој инфраструктирен проект велешани се сведоци на уште два други. Се подобрува поврзаноста на Велес со метрополата, но и со источниот дел од државата.

Премиерот Никола Груевски вели дека догодина од Велес до Скопје ќе се патува по обновена автопатска делница.  

„Првата е Велес- Скопје,  24 километри, инвестиција вредна околу шест милиони евра која ќе почне во втората половина од следниот месец, втората значајна за Велес е реконструкција со проширување на патот Велес- Кадрифаково, кој што е главна спојница со Источна Македонија“, рече премиерот Никола Груевски.

Покрај подобрувањето на патната инфраструктура, со инвестиција вредна  25 милиони евра се подобрува и железничкиот сообраќај. Шеесет проценти од постоечките вагони во патниот сообраќај  во наредните 12 месеци ќе бидат заменети со нови. 

 

Дијана Иванова