Собрание

Почна конститутивната седница

28.05.2024 11:41

Со седницата претседава најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику. Според новиот Деловник за работа на законодавниот дом, конститутивната седница може да трае најмногу три дена, а завршува со изборот на претседател на Собранието.

Почна конститутивната седница на новиот собраниски состав. Со седницата претседава најстарата пратеничка Мерита Колчи Коџаџику.

На дневен ред се четири точки: Избор на претседател и членови на Верификациската комисија на Собранието на Република Северна Македонија; Верификација на мандатите на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија; Предлог за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на Република Северна Македонија; Избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.

Според новиот Деловник за работа на законодавниот дом, конститутивната седница може да трае најмногу три дена, а завршува со изборот на претседател на Собранието.

Како што е најавено, за претседател на Собранието ќе биде предложен Африм Гаши од партијата Алтернатива, која е дел од коалицијата „Вреди“.

Новиот парламентарен состав ќе брои 120 пратеници, но на денешната седница се очекува да присуствуваат 118 пратеници чии мандати се веќе потврдени од Државната изборна комисија и кои добија уверенија од ДИК. За останатите два мандати за кои се прегласуваше минатата среда сè уште течат жалбените постапки.