Водата во Куманово го задоволува квалитетот, се чека потврда и од АХВ
Водата во Куманово сè уште останува за техничка употреба, и е забранета за пиење. Според информациите кои што ги добило јавното претпријатие „Водовод“, анализите покажуваат дека водата е квалитетна. Но, безбедноста мора да ја потврди Агенцијата за храна и ветеринарство...

Водата во Куманово го задоволува квалитетот, покажале испитувањата на Центарот за јавно здравје-Куманово. Но, дека истата е безбедна да се пие, мора да потврди Агенцијата за храна и ветеринарство. Тоа најверојатно ќе се случи во текот на утрешниот ден, информираат од кумановското јавно претпријатие „Водовод“. Останува водата сè уште да се користи само за техничка употреба, а не и за консумирање.
„Добивме потврда од ЦЈЗ Куманово дека примероците, од десет различни локации, ги задоволуваат неопходните критериуми за безбедна вода. Резултатите ќе се достават до нас но и до АХВ, која треба да ни издаде решение дека водата е безбедна и може да се користи за пиење“, велат од ЈП „Водовод“ Куманово.
Проблемот со водата во Куманово се јави по големото невреме коешто го погоди североистокот. Водоснабдувањето во моментов е нормализирано, освен за жителите на повисоки зони. Тие сè уште се без вода.
Поради новонастанатата состојба голем дел кумановци одлучија вода да полнат од чешмите кои се наоѓаат во бањата во Проевце.
Поголемиот дел од кумановци ги почитуваат апелите на надлежните и од продавниците купуваат вода за пиење. Но има и такви кои не се придржуваат до препораките.
Проблемот со вода влијаеше и врз работата на кумановската болница. Операциите се откажуваа и итните случаи се праќаа на клиниките во главниот град.
Елена Георгиевска
