Земјоделство

Договорена е повисока откупна цена на доматите

28.05.2024 15:01

Доматите во нареднава недела да се откупуваат по цена од 30 и 35 денари за килограм, а инспекторите да ги засилат контролите на откупните пунктови. Ваков договор падна во Василево меѓу откупувачите и дополнителниот заменик-министер за земјоделство Цветан Трипуновски, откако производителите три дена реагираа за ниските цени…

До понеделник идната недела, доматите во Струмичко да се откупуваат по цена од 30 до 35 денари за килограм. Вака се договорија откупувачите на средбата со дополнителниот заменик-министер за земјоделство, Цветан Трипуновски откако струмичките земјоделци три дена протестираа заради ниските откупни цени.

Во наредниот период ќе бидат засилени и инспекциските контроли на откупните пунктови во Струмица.

Проблем се албанските домати кои на странските пазари одат со ниска цена. Во Албанија привршува бербата на доматите, а кај нас почнува.

Заради ниската откупна цена, производителите на домати вчера го блокираа централното градско подрачје на Струмица. Блокираа и патни правци барајќи претставници од Владата да интервенираат за производството да не оди по багателни цени од 20 до 25 денари.

Ване Трајков