Политика

Партиите финишираат со преговорите за состав на новата Влада

28.05.2024 15:04

Конечен договор за поделба на власта сè уште нема, вели лидерот на ЗНАМ, Димитриевски. За „Вреди“, успешно завршил процесот на интегрирање на изборните програми со ВМРО-ДПМНЕ...

Имплементација на програмските определби се прв приоритет на движењето ЗНАМ во разговорите за нивно членство во идната влада, вели партискиот лидер Максим Димитриевски. По најавите дека ним ќе им припаднат два ресора, Димитриевски вели дека конечен договор за поделба на власта сè уште нема.

Од Коалицијата „Вреди“ велат дека успешно завршил процесот на интегрирање на изборните програми со ВМРО-ДПМНЕ, а во наредниот период ќе работат на распределба на позициите.

„Работните групи интензивно продолжуваат со преговорите до финализирање на договорот за вториот и третиот ешалон. Многу брзо, како држава ќе добиеме европски ориентирана влада, посветена на економски развој, инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните“, пишува во соопштението од партијата.

ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ќе имаат мнозинство министерства во идната Влада. Оттаму, извори за МТВ брифираат дека партијата ќе раководи со ресорите МВР, финансии, транспорт и врски, образование и наука, култура, надворешни работи, земјоделство, локална самоуправа, одбрана, енергетика, политички систем.

Коалицијата „Вреди“ ќе има свои министри на позициите – за животна средина, здравство, социјална политика, демографија и млади како и вицепремиерско место. Министерството за економија и труд, оди во рацете на „Вреди“, заедно со секторот Евроинтеграции, како уште едно министерство без ресор задолжено за добро владеење и транспарентност.

Партијата на Димитријевски, пак, треба да ги добие ресорите правда и администрација.

 

Анита Димитријевска – Велковска