Ново поглавје во театарската историја- Велешкиот театар со нов објект!

26.06.2014 17:05

Новиот објект на велешкиот театар се простира на 4 илјади 200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и мала сцена до 110 посетители. Инвестицијата е вредна околу 12 милиони евра, a ја финансираше државата...

Лулката на македонскиот театар испишува ново поглавје. Модерниот објект на „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ им ја врати вербата на актерите и уметниците кои долги години живеат за театарските штици.

„Да го продолжи сонот на Џинот и Чернодрински за театар на мајчин македонски јазик, да го чува и дочува нашиот национален идентитет“, нагласи директорот на велешкиот театар, Јордан Витанов.

Со  театарски перфоманс, актерите одбележаа 140 години од првата одиграна претстава во Велес. На тој начин испратија порака дека новиот културен храм ќе биде  поттик за нив да ја продолжат мисијата која пред 100– тина години ја почнаа доајените на македонската култура.

„Историската, културната и театарската традиција на Велес, плејадата уметници од овој град, чии дела се достоинствено вткаени во вредностите на мекдонскиот културен мозаик, апсолутно заслужуваа нов и репрезентативен храм на култирата и уметноста“, нагласи министерката за култура Елизабета Канческа- Милевска.

Објектот има современ и уникатен изглед, а сцените се опремени со највисоките техничко сценски преформанси.

Новиот објект на велешкиот театар се простира на 4 илјади 200 квадратни метри и располага со голема сала со капацитет од 370 посетители и мала сцена до 110 посетители. Инвестицијата е вредна околу 12 милиони евра.

Објектот се градеше неколку години. Го финансираше државата. 

„Да се стаса дотука не беше воопшто лесно, но ако се сака и ако се работи од љубов тогаш ниту една цел не е невозможна, во изградбата на овој Театар е вложена голема посветеност, голема енергија и знаење на многу луѓе. Им благодарам на сите кои на свој начин беа вклучени“, рече премиерот Никола Груевски.

Од самото формирање на театарот во Велес, во 1949 година немало никаква интервенција за подобрување на условите за работа на уметниците.

 

Викторија Тодоровска