Дебата за употребата на западното оружје од страна на Украина во Русија
Министрите за одбрана на ЕУ на дебата во Брисел за употребата на западното оружје во Украина против цели во Русија. Шефот на НАТО Столтенберг, вели дека Киев има право да се брани, а членките тоа не ги прави страни во конфликтот. Според Кремљ, Алијансата веќе е во директен конфликт со Москва и ја зголемува ескалацијата...

Доколку Украина употреби оружје испорачано од западните сојузници против цели во Русија, нема да ги направи НАТО членките страни во конфликтот, став на генералниот секретар на Алијансата. Според Столтенберг, на Киев итно му е потребна поддршка, вклучувајќи ги и најнапредните системи за воздушна одбрана „Патриот“. НАТО веќе е во директен конфликт со Русија и Алијансата, а со својата воена реторика ја зголемува ескалацијата, изјави претходно портпаролот на Кремљ, Песков.
„Украина, според меѓународното право, има право да се брани, а тоа вклучува и напади врз цели надвор од Украина. Ова е особено важно затоа што најтешките борби сега се водат во регионот Харков, близу до украинско-руската граница. На Украинците ќе им биде многу тешко да се одбранат ако не можат да погодат воени цели од другата страна на границата“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Нападите врз Харков се извршуваат со системи инсталирани зад руската граница. Министрите за одбрана на ЕУ во Брисел во обид да ја надминат блокадата на Унгарија за обезбедување милијарди евра воена помош за Киев, инаку руски замрзнати средства.
„Ситуацијата на бојното поле достигнува критична фаза. Русија отвори нов фронт на север и се бори, обидувајќи се да напредува кон Харков, а во исто време бомбардира цивилни цели. Оваа ситуација ја прави нашата воена помош уште поважна, клучна, критична“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Состанокот доаѓа во време кога претседателот Зеленски е на дводневна турнеја низ Шпанија, Белгија и Португалија. Украина и Белгија потпишаа договор за воена помош од една милијарда долари и 30 авиони Ф-16 до 2026-та. Во меѓувреме, од Москва обвинија дека имаат докази за наводната употреба на хемиско оружје од Украина за време на руската офанзива во регионот.
„Руската страна ја потврди употребата на муниција од страна на вооружените сили на Украина со хемиски агенси. Плановите за голема употреба на токсични материи се рефлектираат во барањата на Украина за набавка на противотров, гас-маски и друга лична заштитна опрема во количини кои се очигледно прекумерни“, рече Игор Кирилов, началник на трупите за нуклеарна, биолошка и хемиска заштита на руските вооружени сили.
Горниот дом на швајцарскиот Парламент го поддржа предлогот за заострување на мерките за протерување шпиони, особено руските разузнавачи. Берн се подготвува да биде домаќин на мировниот самит за Украина идниот месец.
Маријана Димовска
