Двојно зголемен бројот на итни случаи во Клиниката за хирургија „Св. Наум Охридски“
Хируршките клиники и натаму остануват затворени. Во меѓувреме пациентите лутаат од клиника во клиника. Најголемиот товар го чувствуваат двете клиники, „Св. Наум Охридски“ и „8 Септември“...

Затворените хируршки сали на Клинички двојно го зголемија бројот на итни случаи во Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Во последните 10 дена извршени се 150 ургентни операции. Хируршките тимови се засилени, но проблем се болничките капацитети, кои се речиси целосно исполнети. Првото прашање на утринските состаноци е уште колку слободни кревети има. Директорот Арсенков предупредува, доколку дојде до пополнување на капацитетите, ќе треба да се активираат хируршките установи во внатрешноста.
„Не знам до кога ќе трае ова што се случува, доколку продолжи ќе се исполнат капацитетите и ќе треба да се размислува за активирање на некои центри во внатрешноста, за да можат случаите што вообичаено ги праќаат тука да се третираат во матичните хируршки установи“, изјави д-р Љубен Арсенков – директор на Универзитетската клиника за хируршки болести „Свети Наум Охридски“.
Во градската Општа болница „8 Септември“ фреквенцијата на пациенти е зголемена за 50 проценти. Капацитетите на хируршките одделенија се речиси полни. Во овие две здравствени установи ќе се извршуваат само итни операции, додека не се реши проблемот со компресорската станица за кислород во хируршките сали во комплексот „Мајка Тереза“.
Се чекаат резултатите
Продолжува неизвесноста и за пациентите и за лекарите бидејќи не се знае кога ќе пристигнат резултатите од примероците од гас, кои се испитуваат во лабораторија во Германија и кои треба да покажат што ја предизвикува непријатната миризба од вентилацискиот систем.
Неколку операциски сали на хируршките клиники сега работат со шест надворешни компресори, но тие се употребуваат само за неодложни и комплицирани интервенции. Од Основното јавно обвинителство, најавија дека ќе проверуваат дали има елементи на кривично дело за овој случај.
Андријана Ѓурческа
