Собрание

Африм Гаши избран за претседател на Законодавниот дом

28.05.2024 18:17

Почна со работа новиот парламентарен состав, Африм Гаши избран за претседател на Законодавниот дом. Во фотелјите денеска седнаа 118 народни избраници што ги добија уверенијата. Двајца сè уште немаат уверенија по прегласувањето во седумте избирачки места...

Новиот пратенички состав на македонското Собрание изгласан со 101 глас за од 117 присутни пратеници. Со усвојувањето на извештајот на новата Верификациска комисија, престана и мандатот на пратениците од стариот состав. За претседател на Собранието е избран Африм Гаши, од коалицијата „Вреди“. Гаши побара обединување во евроинтеграцискиот процес и се заложи за подобар стандард на граѓаните.

Поддршката на изборот на спикерот беше обезбедена од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и „За наша Македонија“, што беше критикувано од „Левица“.

Од „Левица“ се изјаснија дека се против предлогот и по гласањето ја напуштија седницата. Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека партијата на Апасиев, пред изборите ја одби нивната понуда за приклучување на страната на македонското национално единство и ги обвинија за соработка со ДУИ. Од „Вреди“ посочија дека во осумгодишната пратеничка кариера на Гаши нема ниту една дамка.

Африм Гаши, поранешниот лидер на Алтернатива, за претседател на македонското Собрание беше избран со 76 гласа „за“ и 6 „против“.

 

Марија Котовска