Рим

Претседателката Сиљановска-Давкова останува на ставот дека не го прекршила Преспанскиот договор

28.05.2024 17:24

Претседателката Сиљановска-Давкова останува на ставот дека не го прекршила Преспанскиот договор при чинот на заклетва во Законодавниот дом и насловениот венец што го положи пред спомен плочата во базиликата во Рим. Но вели дека го задржува правото на слобода на изразување и не очекува дека изјава може да ги врати чекор наназад односите со другите земји...

За написот на венецот што го положи пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“ во Рим, шефицата на државата Сиљановска-Давкова рече дека имало различни мислења во Кабинетот, но со оглед на просторот што го имало на лентата, на крај одлучиле да стои само нејзиното име, како предводник на државно-црковната делегација.

„Знам дека може да има забелешки. Ги разбирам многу од нив. Многу од нив се логични бидејќи, точно дека Македонија ја претставуваме таму. Но, веројатно во време кога како што знаете после моето избегнување на говорницата на официјалното име на државата, односно после определувањето за Македонија врз основа на правото како што реков деновиве на самоопределување и самоидентификација или слободата на изразување на мислата, се одлучивме за ова решение“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.

Претседателката Сиљановска - Давкова повтори дека таа ќе го почитува Преспанскиот договор, но ќе го задржи правото некогаш да ја употребува придавката или името.

„Повикувам да се препрочита Преспанскиот договор, особено во делот на промената на документите за внатрешна употреба што е непознат феномен во историјата на човештвото, во врска со фактот дека таму се врзува овој чин или крајниот рок за истекот на пет години, меѓутоа и за отворањето на првото поглавје и на поглавјата. Кој одлучува за отворање на прво поглавје? – Европската унија. Значи и тие требале да сторат нешто за реализација на Преспанскиот договор“, рече Сиљановска-Давкова.

Додаде дека е добро што земјата е членка на НАТО, но смета дека не е чекор напред тоа што повторно стоиме пред промена на Уставот за да почнат преговорите, оти, како што рече, „дали сте за членство не значи дали сте за почеток на преговори“. Нагласи дека логично би било сите да ги реализираат преземените обврски.

 

 

Наташа Јанчиќ Менковски