Путин: Реториката за оружје со долг дострел може да доведе до опасна ескалација
Министрите за одбрана на ЕУ на дебата во Брисел за употребата на западното оружје во Украина против цели во Русија. Шефот на НАТО Столтенберг, вели дека Киев има право да се брани, а членките тоа не ги прави страни во конфликтот. Рускиот претседател оцени, реториката за оружје со долг дострел може да доведе до опасна ескалација...

Доколку Украина употреби оружје испорачано од западните сојузници против цели во Русија нема да ги направи НАТО членките страни во конфликтот, став на генералниот секретар на Алијансата. Според Столтенберг, на Киев итно му е потребна поддршка, вклучувајќи ги и најнапредните системи за воздушна одбрана „Патриот“.
„Украина, според меѓународното право, има право да се брани, а тоа вклучува и напади врз цели надвор од Украина. Ова е особено важно затоа што најтешките борби сега се водат во регионот Харков, близу до украинско-руската граница. На Украинците ќе им биде многу тешко да се одбранат ако не можат да погодат воени цели од другата страна на границата“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.
Рускиот претседател Путин предупреди дека употребата на оружје со долг дострел доставено од Западот до Украина за удар на руската територија може да доведе до опасна ескалација.
„Претставниците на земјите-членки на НАТО, особено во Европа, особено во малите земји, треба да бидат свесни со што си играат. Треба да запомнат дека тоа се првенствено земји со мала територија и густо население. Овој фактор треба да го преземат в предвид пред да зборуваат за удари длабоко на руската територија“, изјави Владимир Путин, претседател на Русија.
Министрите за одбрана на ЕУ во Брисел во обид да ја надминат блокадата на Унгарија за обезбедување милијарди евра воена помош за Киев, инаку руски замрзнати средства.
„Ситуацијата на бојното поле достигнува критична фаза. Русија отвори нов фронт на север и се бори, обидувајќи се да напредува кон Харков, а во исто време бомбардира цивилни цели. Оваа ситуација ја прави нашата воена помош уште поважна, клучна, критична“, изјави Жозеп Борел, шеф за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
Состанокот доаѓа во време кога претседателот Зеленски е на дводневна турнеја низ Шпанија, Белгија и Португалија. Украина и Белгија потпишаа договор за воена помош од една милијарда долари и 30 авиони Ф-16 до 2026-та.
Маријана Димовска
