Демократски централизам: ЛДП ја разреши Роза Топузова- Каревска од партиските функции
Уставот вели дека мандатот е во сопственост на пратеникот, но, сепак недостасува партиската внатрешна демократија констатираат аналитичарите. Според нив, потегот на ЛДП со Роза Топузовска- Каревска е демократски централизам...

Роза Топузова- Каревска е разрешена од партиските функции на Либерал демократите. Не е веќе потпретседател, ниту член на Извршниот одбор. Ова е одлука на Централниот одбор. Каревска не е исклучена од партијата бидејќи тоа не го дозволува партискиот статут. Во краткиот телефонски разговор, таа само рече дека очекувана била одлуката на нејзината партија.
Претседателот на партијата Андреј Жерновски за МТВ одби да ја коментира одлуката.
„Денеска овде каде што ме прашувате сум во својство на градначалник на општината Центар“, бил ставот на Жерновски што го пренесоа од неговиот кабинет.
За политикологот Владимир Мисев и професорката Гордана Сиљановска ова е чекор кој покажува отсуство на партиска демократија.
Фракциите се здрави за една партија, тие не претставуваат болест. Така фунционираат либералните партии во Европа, на истиот принцип со фракции се и британските партии вели за МТВ, Силјановска.
Мисев констатира дека партиите не се впуштаат во ризик на пофлексибилна партиска структура.
„Добро е да биде дозволено фракционерството во политичките партии. Меѓутоа во делот на понатамошната ефикасност од кога ќе дојдете на власт, колку политичките партии ќе имаат можност да ја ефектуираат политичката платформа за која се залагале за време на изборите со едно фракционирано партиско членство, тогаш веќе станува попроблематична тема“, вели политикологот Мисев.
Уставот вели дека мандатот е во сопственост на пратеникот, но, сепак недостасува партиската внатрешна демократија констатираат аналитичарите. Според нив, потегот на ЛДП со Роза Топузовска- Каревска е демократски централизам, односно толерира различни ставови, но инсистира на единствена акција.
Миле А. Ристески
