Собрание

Новиот пратенички состав го избра Африм Гаши за претседател на Собранието

28.05.2024 20:59

Африм Гаши со 76 гласа избран за претседател на новото Собрание. Положи заклетва и од говорницата порача дека ќе се залага сите да имаат исти права во Законодавниот дом. Неговиот избор беше проследен со тензична дебата...

Новиот пратенички состав, со 76 гласа „за“ и 6 „против“, го избра Африм Гаши за претседател на Собранието. Се обврза дека ќе го почитува Уставот и законите и дека ќе побара обединување во евроинтеграцискиот процес а ќе се заложи и за подобар стандард на граѓаните.

По верификацијата на мандатите ДУИ ја напушти седницата, СДСМ молчеа. Поддршката на изборот на спикерот беше обезбедена од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ коалицијата „Вреди“ и од движењето ЗНАМ. Претходеше дебата во тензична атмосфера.

По завршување на седницата следуваше примопредавање на функцијата меѓу Јован Митревски, досегашниот собраниски спикер во време на техничката влада и новоизбраниот Гаши. Новото Собрание почна со работа со 118 пратеници. Останатите двајца пратеници ќе им се приклучат по завршувањето на жалбените постапки.

 

Ирина Гелевска