Израел-Хамас

Израелските сили продолжија со уништување на воените структури на Хезболах

29.05.2024 10:04

Алжир со предлог-резолуција до ООН. Палестинците бегаат од Рафах. Израелските сили продолжија со уништување на воените структури на Хезболах во Либан...

Саудијците го обвинуваат Израел за „континуирани геноцидни масакри“. Алжир со нацрт-предлог до Советот за безбедност на ООН за ставање крај на убиствата во Газа и безусловно ослободување на заложниците. Палестинците бегаат од Рафах додека израелските тенкови стигнаа до центарот на градот.

„Изутрина ново бомбардирање не пресретна на патот, трчавме ваму-таму, не знаејќи каде да одиме поради бомбите над нашите глави, дури и амбулантни возила и УНРВА беа евакуирани“, рече Хеба Слим, раселена Палестинка.

САД не веруваат дека Израел започнал целосна инвазија на Рафах. Ја осудија загубата на човечки животи, велат-не замижуваат пред жртвите, но и нема промена во поддршката.

„Овие смртни случаи не се оправдани. Но, мораме да разбереме што се случило овде. Да почекаме што точно ќе открие истрагата. Нема никакви промени во политиката на сад во однос на ова“, изјави Џон Кирби, портпарол на Советот за национална безбедност на САД.

Тел Авив почна истрага за, како што ја нарекоа, трагедијата што се случи во кампот во Рафах. Тврдат дека цел на нападот биле двајца функционери на Хамас и дека пожарот можеби бил предизвикан од експлозија во блиско складиште за оружје на милитантите. За Хезболах-ова е уште една потврда за бруталноста на непријателот.

„Пожарот што избувна беше неочекуван и ненамерен. Истражуваме што го предизвика пожарот што резултираше со оваа трагична загуба на животи. Сакам да повторам, нашата муниција не можеше да запали пожар од толкави размери“, изјави Даниел Хагари, портпарол на израелската одбрана.

„Масакрот во Рафах повторно ја открива бруталноста на непријателот, поточно ја потврдува и покажува повеќе од кога било досега“, изјави Хасан Насрала, лидер на Хезболах.

Израелските сили продолжија со уништување на воените структури на Хеболах во Либан.

„Ние сме посветени и на цивилно и на воено ниво да ги вратиме жителите безбедно во нивните заедници и домови. Оваа посветеност е една од целите на војната, ние не се откажуваме од неа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

Меѓународната заедница ги продолжи повиците за итен прекин на огнот и безусловно ослободување на заложниците.

 

Бојана Крстевски