Здравство

Клиничката болница Штип е подготвена да прими дел од пациентите од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

29.05.2024 12:11

Единаесет дена откако се затворени хируршките сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. До денес ниту Министерството за здравство ниту Клиничкиот центар не побарал помош дел од пациентите да се пренасочат во Клиничката болница во Штип …

Затворањето на операционите сали во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ пред 11 дена го зголеми притисокот врз останатите медицински установи во главниот град. Сè уште не се знае кога ќе се отстранат дефектите. Конечниот резултат од анализата на компримираниот воздух се чека од сертифицирана лабораторија од Германија. Во моментов на клиниките се прегледуваат само итни пациенти. Штипската клиничка болница може да прими пациенти на Одделот за хирургија, но такво барање од Клиничкиот центар за сега нема.

До денес ниту Министерството за здравство ниту Клиничкиот центар немаат доставено барање до Клиничка болница Штип за прифаќање на дел од пациентите, информираат од болницата. Доколку биде побарано, штипската болница согласно капацитетот и ресурсите со кои располага, позитивно ќе одговори на барањето.

Одделот за хирургија во штипската Клиничка болница има две хируршки сали и доволно медицински кадар да излезе во пресрет на новонастанатата ситуација во Скопје, секако со претходен договор и координација – велат надлежните од штипската болница.

 

Славица Величковска