Јужен тек
Македонија и натаму ќе продолжи со реализацијата на Јужен тек
Македонија не се откажува од гасоводот Jужен тек, е одговорот на надлежните по реакцијата на Европската комисија во врска со меѓувладиниот договор на Македонија и Руската федерација.
Македонија и натаму ќе продолжи со реализацијата на Јужен тек како што е најавено. Ги поттикнуваме Европската комисија и Русија, односно Газпром и Европската комисија за решавање на сите прашања, рече Зоран Ставрески, министер за финансии и вицепремиер.
Европската комисија неодамна побара од сите земји што имаат склучено договори со Газпром за Јужен тек да ги усогласат со законите на Европската унија. ЕК бара од Газпром да не биде во исто време сопственик и на капацитетите за производство на гас и на транспортната мрежа, како и да им овозможи пристап до гасот на трети лица, но и да се приспособат тарифите.
Директорот на Газпром неодамна изјави дека ништо не може да ја спречи изградбата на Јужниот тек.
Проектот сам по себе има економско и општествено значење за реализација, не само на тој проект, туку и за конкурентност на економиите вклучени во тој проект,така што очекувам Европската комисија, Газпром и Русија да ги решат отворените прашања, рече Зоран Ставрески, министер за финансии и вицепремиер.
Капацитетот на гасоводот изнесува 63 милијарди кубни метри годишно и ќе задоволи 14 проценти од потребите на Европа.
Гасоводот треба да биде готов за четири години. Рускиот гас ќе се доставува преку Црно Море, Балканот, до централна и Западна Европа. Проектот ќе чини 16 милијарди евра.
Наташа Јанчиќ
