Мемети не се појави на седница на Советот на јавни обвинители, размислува на повлекување
Мемети, членот на Советот на јавни обвинители кој во моментов е со мерки за претпазливост под сомнение за примање награда за противзаконито влијание денеска не дојде на седница на Советот. Според членовите, Мемети за времетраењето на истрагата не би требало да учествува во работата и одлуките на Советот.

Советот на јавни обвинители му препорача на својот колега и заменик-претседател, Иџет Мемети дека не би требало да учествува во работата на Советот и носењето одлуки. Мемети е второосомничен во истрагата за примање поткуп, заедно со врховниот судија Наке Георгиев, во случајот со поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, осомничен за нелегална трговија со марихуана. Советот ќе го следи текот на кривичната постапка против Мемети и зависно од исходот, ќе постапат согласно со закон. Постапката за разрешување е предвидена, но во конкретниов случај е невозможна, вели претседателката на Советот, Душица Димитриеска.
Со оглед на неможноста за разрешување, од Советот велат дека оставаат на совеста и моралот на Мемети да одлучи за своето понатамошно учество во работата на ова тело. Столчето на Мемети на денешната седница остана празно, откако го информирал Советот за своето отсуство, но и за тоа дека размислува да се повлече од функцијата заменик-претседател.
Марија Котовска
