Шокаровски: Оркестрирана хајка се води против Клиниката за кардиохирургија
Разрешениот директор, Марјан Шокаровски, тврди дека смртноста се намалува. Според него, на Клиниката нема 170 незаведени пациенти, туку грешка во системот „Мој Термин“. Кардиохирурзите велат дека на Клиниката има зголемување на тежината на комплексноста на пациентите за околу 20 проценти. Демантираат дека меѓу вработените има нарушени меѓучовечки односи...

Оркестрирана хајка се води против Клиниката за кардиохирургија, со цел да се уништи, оти некому не му одговара, вели разрешениот директор Марјан Шокаровски, без да одговори во кого се сомнева. Со податоци од интерна анализа одговори на обвинувањата на министерот за здравство. Тврди, дека смртноста се намалува, а на Клиниката нема 170 незаведени пациенти, туку грешка во системот „Мој Термин“.
„Последните пет месеци покажуваат дека нашата смртност е пониска од предвидената, подобри сме од она што се очекува. Отпусните писма не се пренесени во „Мој Термин“ поради овој софтверски пропуст“, изјави д-р Марјан Шокаровски – разрешен директор на Клиниката за кардиохирургија.
Кардиохирурзите велат дека на Клиниката има зголемување на тежината на комплексноста на пациентите за околу 20 проценти. Демантираат дека меѓу вработените има нарушени меѓучовечки односи.
„Итен пациент во кардиохирургијата е пациент кој има потреба од реанимација, во многу лоша состојба. Просечното преживување на тие пациенти е меѓу 40 и 50 проценти во светски рамки. Ете од каде се бројките. Ние како универзитетска клиника немаме право да ги бираме пациентите, ние ги оперираме и најтешките и тоа што се одбиени од други институции и тие што претходно биле оперирани →во други институции. Немаме право, ниту намера да одбиваме пациенти за да ја подобриме статистиката“, вели д-р Васил Папестиев, кардиохирург.
„Нашиот императив е професионализам, стручност и одговорност во работата. Со самото тоа односите се сосема коректни“, рече д-р Надица Мехмедовиќ, анестезиолог во државната Кардиохирургија.
Шокаровски смета дека разрешувањата се незаконски и ги повика институциите и инспекциските служби да проверат што се случува на Клиниката. Освен Шокаровски, министерот за здравство ја разреши и Александра Ефтимова раководителката на програмата за превенција од кардиоваскуларни заболувања бидејќи, како што рече, не му дала список со експерти кои добивале дневница по 700 евра за помош на Клиниката.
Андријана Ѓурческа
